Австрија, Италија, Чешка, Словачка и Словенија минатата недела дистрибуирале доверлив документ меѓу другите земји-членки на Европска Унија, во кој предлагаат „пристап заснован на заслуги – доколку е потребно, чекор по чекор – кон европскиот единствен пазар“, пренесува Euractiv.
Според документот, ваквата иницијатива е неопходна за да се одржи динамиката на проширувањето и да им се помогне на земјите-кандидати „да се спротивстават на влијанието на трети земји“.
Моделот би подразбирал проширување на опсегот на програми на ЕУ во кои би можеле да учествуваат земји како Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Србија, додека постепено, поглавје по поглавје, го усогласуваат своето законодавство со законите на ЕУ.
Во документот се предлага вклучување на области како транспорт, енергетика и пазар на електрична енергија, дигиталниот единствен пазар, стратегии за конкурентност и политики за критични суровини. Предвидени се и заштитни механизми во случај на назадување во реформите.
„Авторите на документот ја повикаа Марта Кос, комесарка за проширување, да предложи нови идеи во оваа насока“, пренесува Euractiv.
