Документот со кој опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека министерот за здравство Венко Филипче сакал да набави вакцини по дупло повисоки цени, е всушност уплата за резервација на вакцините, велат од Антикорупциска комисија. Оттаму додаваат дека овој документ веќе го добиле од Народната банка и дека преку фирмата Стабри Интернешнел била извршената уплата од 7 милиони и 800 илјади долари, но дека за целосен извештај за овој случај наскоро ќе известат.
„Министерството нема исплатено аванс на правно лице за купување на кинески вакцини туку на почетокот на оваа година има извршено уплата на средства на име на гаранција со цел да се изврши резервација на целокупната количина од 200 илјади дози вакцини од производителот Синофарм од Кина.“, вели Горан Трпеновски од Антикорупциска.
По ова Владата во координација со Владата на Кина преку кинеската амбасада одлучила да го прекине процесот на набавката и ги побарала назад уплатените средства. Денеска премиерот Зоран Заев кој се вакцинираше токму со вакцините на Синофарм потврди дека се правени обиди преку уплати на гаранции да се обезбедат вакцините, но ги отфрла обвинувањата дека цените на вакцините биле дупло повисоки.
„Цените се познати за сите во светот кој ги набавуваат, сите останати други држави и на европскиот континент и во соседството и во светот, тие се истите цени и кај нас. Ако постои механизам за декласификација ние ќе го направиме тоа како Влада, односно соодветните институции, за да може министерот за здравство да ги објави сите детали. Дури и сите обиди за гаранции издадени“, рече Заев.
Првите 200 илјади дози вакцини од кинескиот производител Синофарм во Македонија стигнаа минатата недела.
