Се реафирмира иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк. Соголувањето на шумите и нелегалните градежни активности се клучните предизвици на планинскиот појас познат по ендемичната флора и фауна. Албанската страна од планината Јабланица е национален парк уште од 2008-ма година, во земјава има иницијатива уште од 2007-та година, но постапката сè уште не е завршена.
Еколозите сметаат дека на тој начин ќе престане девастацијата на шумите, узурпацијата на земјиштето и дивоградбите. За поголема заштита на природното богатство, еколозите бараат час поскоро да заврши постапката за заштита.
„Систематското уништување на природните ресурси не престанува, за жал. И, да укажеме на тоа дека, доколку се продолжи со таков начин на однесување кон природата, можеби ќе го изгубиме и моментумот, планината да биде прогласена за национален парк, односно, ќе мора да биде во некоја пониска категорија“, вели Фросина Пандурска.
Направени се неколку студии за валоризација на природните вредности на Јабланица, но процесот за прогласување на заштитено подрачје тапка во место.
„Тоа што недостига сега е нова студија за валоризација на природните вредности со социо-економско истражување, а тоа е минимумот документација којашто е потребна за процесот малку да се придвижи на институционално ниво“, вели Фросина Пандурска.
Албанската страна од планината Јабланица е национален парк уште од 2008-та година, во земјава има иницијатива од 2007-та година. Над 70% од локалното население од македонска страна ја поддржува иницијативата за прогласувањето на Јабланица за НП
