Планирале напади на објекти во Македонија – уапсени три лица, поранешни членови на вооружени групи од блискиот исток

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во полициската акција вчера наутро во Куманово приведени се 3 лица. Според полицијата акцијата се одвивала во неколку локации, а при претресот пронајдено е оружје и друга опрема која е запленета.

Од Агенцијата за национална безбедност, велат дека станува збор за поранешни припадници на вооружени групи од блискиот исток. Според директорот на АНБ, Виктор Димовски, групата собрала оружје и материјали со цел истите да ги искористи за напади на неколку објекти во земјата.

Од МВР велат дека при претресот се пронајдени пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак  со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач со напис RD 40мм, пет упаљачи за гранати за рачен фрлач со осигувачи, две маскирни капи, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС).

„Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против Б.А. (28) од Куманово, а кој престојува во Скопје, за сторено кривично дело „терористичка организација“ и „тероризам“ по член 394-б став 6 в.в. став 1, како и против В. А. (22) и Е. Љ. (25), двајцата од Куманово, за сторени кривични дела „терористичка организација“ по член 394-а став 2 и „тероризам“ по член 394-б став 6 в.в став 1 од Кривичниот законик“, велат од МВР.

Како резултат на добиени оперативни сознанија, по неколку месечна меѓусебна соработка, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал со подршка на Одделот за специјални полициски операции при Министерството за внатрешни работи координирани од јавен обвинител во текот на вчерашниот ден спроведоа полициска акција на четири локации во Куманово и Скопје. На приведените им е одреден 30 дневен притвор.