Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска од Тирана изјавидека не е изненаден што рускиот претседател Владимир Путин не заминал на мировните преговори во Истанбул.
Тој кажа дека не смее да се дозволи на Русија да и бидат дадени територии од Украина како крајно решение за ставање мир.
„Видовте дека украинскиот претседател Володимир Зеленски дојде во Анкара, тој направи гест и беше подготвен да оди на преговори, додека од друга страна рускиот претседател не дојде, што лично не ме изненади“, рече Пленковиќ по пристигнувањето на самитот на Европската политичка заедница во Тирана, каде што доминантна тема ќе бидат напорите за постигнување мир во Украина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека тоа што Путин не присуствува на разговорите во Турција покажува дека тој не сака мир.
„Тој не сака мир и време е да се зголеми притисокот додека не биде подготвен за мир. Затоа подготвуваме нов пакет санкции, кој ќе вклучува, меѓу другото, мерки против „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, рече фон дер Лајен.
