Новиот Закон за Јавно обвинителство кој стапува на сила од денеска и официјално го прати Специјалното јавно обвинителство во историја. Сепак со него се гарантира дека предметите кои се покренати продолжуваат со тоа што тие се преземени од јавниот обвинител Љубомир Јовески и се распоредуваат по јавните обвинителства за натамошно постапување. Јовески во интервју за МИА уверува дека предметите ќе добијат завршница.
„Обвинителите постапуваат по предметите и по нив ќе се донесуваат одлуки за кои јавноста благовремено ќе биде запознаена. Предметите на СЈО, Јавното обвинителство ги презема за да продолжат постапките и сторителите на кривичните дела да ја добијат заслужената казна. Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница“, истакна Љубомир Јовески.
За стапувањето на сила на новиот закон за Јавно обвинителство во вчерашната изборна дебата на ТВ21 во која гостите се согласија дека право и правна држава мора да има, бидејќи тоа е и услов во преговорите со Европската унија. Заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска истакна дека новиот закон, ќе обезбеди шанса за правна држава.
„Да дојдеме до Закон којшто ќе го добие и европскиот печат, и којшто ќе обезбеди шанса за правна држава. Меѓутоа тоа е се уште само Закон, ќе биде почеток на она што и треба на државава, а тоа е сериозно прочистување и поголема транспарентност во судството“, посочи Радмила Шекеринска.
Со соопштение се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека новиот закон нема да донесе амнестија за, како што истакнуваат, криминалите на Заев.
„Амнестија на криминалот нема да има. Залудно Заев се радува дека со новиот закон нема да се истражуваат неговите криминали кои ги слушнавме. ВМРО-ДПМНЕ кога зборува за право и правда, мисли на право и правда засновани на почитување на процедури, закони и Устав“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера обвинителите и вработените од службите дојдоа во објектот на СЈО на улица Рузвелтова на својот последен работен ден. Обвинителката Ленче Ристоска објави дека нејзиното разделување од СЈО има горчлив- сладок вкус, но дека за неа останува да биде симбол во борба за правда.
„Горчлив е вкусот на разделбата и сите неостварени планови, но слатки се спомените за заеднички совладаните предизвици и споделената енергија. СЈО беше симбол за борба за идеали, за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост“, додаде Ленче Ристоска.
СЈО беше формирано во 2015 година по долгите партиски преговори во Пржино, а чија цел беше да ги истражи таканаречените бомби односно прислушуваните материјали кои лидерот на тогашната опозициска СДСМ Зоран Заев ги пушташе во јавност. Од нив на почетокот на 2016 беше објавена првата истрага на изборните нерегуларности наречена Титаник, во која беше побаран притвор за осум лица меѓу кои и за Никола Груевски како и за најблиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Имињата на сите случаи кои натаму беа објавувани имаа кодно име кое почнуваше на буквата Т. Отворени беа 19 случаи но за најголемиот дел од нив нема исход, што во јавноста предизвика незадоволство. Сепак предметот Империја кој беше отворен по законскиот рок се чини му зададе смртоносен удар на СЈО од кого произлезе и случајот Рекет во кој поранешната специјална обвинителка Катица Јанева доби 7-годишна затворска казна.
