По 9 месеци, ниту една жртва од Ковид 19, КЗБ ќе предложи укинување на полицискиот час?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За прв пат по девет месеци не е регистриран ниту еден смртен случај од корона вирусот. Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни дава надеж дека и се ближи крајот на агонијата, истакнуваат од МЗ. Од таму известуваат дека во последниве 24 часа се направени 3.068 тестирања од кои 8 се позитивни случаи. Дека состојбата е подобрена потврдува и Шабан Мемети, директор на ИЈЗ,кој вели дека извештајот за минатава недела е многу позитивен.


„Извештајот на ИЈЗ за состојбата со Ковид на ниво на државата а кој ќе излезе утре, е со проценка дека состојбата околу Ковид 19 во РСМ бележи намалување на бројот на позитивни случаи, намалување на смртноста и намалување на болничките случаи или поинаку кажано, бројот на случаи со клинички симптоми кои се пријавуваат низ здравствените институции, е намален“, рече Шабан Мемети, директор на ИЈЗ.


Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанок, каде ќе се дискутира за рестриктивните мерки против корона вирусот. ТВ21 дознава дека ќе се предложи укинување на полицискиот час и зголемување на бројот на гости на свадбите и слични такви веселби. Ова следи како резултат на подобрувањето на епидемиолошката слика со Ковид 19. Мемети, кој е и член на оваа Комисија потврдува дека Комисијата со сигурност ќе донесе одлука за ублажување на анти ковид мерките.


„Комисијата за заразни болести ќе направи неделна проценка на состојбата со Ковид 19 на ниво на државата и во рамки на актуелната состојба со Ковид ќе донесе одлука за некакво олеснување на рестриктивните мерки. Ќе се дискутира и за полицискиот час и учеството на разни јавни манифестации, учество односно процент на присутни. Ќе се разгледаат сите можности на граѓаните да им се олеснат економските, социјалните или општествените мерки“, додаде Мемети.


На инфективните одделенија во Скопје и другите болници во земјава во моментов се лекуваат вкупно 68 пациенти заразени со САРС-Ков-2. Во земјава во моментов има вкупно 437 активни случаи.