По дебатата во јавноста кај ќе завршат парите на осигурениците? Мицкоски: Владата не најави укинување на вториот пензиски столб

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата не најави укинување на вториот пензиски столб – дециден е премиерот Христијан Мицкоски откако во јавноста се отвори дебата за евентуално префрлање на средствата од приватните пензиски фондови во државниот ПИОМ. Дебатата почна по изјавата на Мицкоски кој најави пензиска реформа и кажа дека корисниците на вториот столб може да бидат непријатно изненадени и разочарани од сумите на нивните сметки. Продолжи со Гувернерот Трајко Славески кој излезе со пресметка дека голем дел од идните пензионери кои ќе се пензионираат помеѓу 2030 и 2032 година нема да можат да обезбедат ниту минимална пензија.

Мицкоски: А, кој најавил дека ќе има укинување на вториот столб не разбирам.
-Па не знам еве дебата се води во јавноста..
Мицкоски: Јас можам да зборувам од името на Владата. Таква најава од името на Владата нема.

Вчера, од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови беа децидни дека идејата за национализација на вториот пензиски столб не е решение бидејќи парите што би се префрлиле во државниот пензиски фонд би се потрошиле за 1,5 до 3 години. Беа категорични дека парите од вториот пензиски столб се личен имот на осигурениците и се наследни. Кажаа дека бараат законско решение за таканаречени мултифондови што ќе обезбедат и поголеми пензии.

„Она што е важно е дека треба да знаат осигурениците дека средствата во вториот столб се личен имот, кој што е наследен и без разлика дали се работи за осигурување во текот на работниот век или по пензионирањето, тие имаат зголемен степен на заштита. Освен значи семејната пензија која останува како право, дополнително е и правото наследство.“, рече Маријан Николовски, претседател на АДПФ.

Државниот пензиски фонд пак денеска излезе со извештај кој покажува дека за шест месеци бројот на корисници на пензии е зголемен за 1.876 лица ПИОМ остварил приходи од 77,2 милиони денари, а вкупните расходи биле околу 71,9 милиони денари. Инаку, дупката во државниот Фонд од година во година се повеќе се зголемува, па голем дел од парите за исплата на пензиите и годинава ќе се покриваат од државниот буџет.