Критики од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за вчерашниот извештај Судскиот совет во која ја оправда одлуката на судијата Ељведин Ферати да одреди двегодишна казна затвор за Менсур Пајазити кој смртно ја прегази 22 годишната Теодора.

Љупчо Пренџов пратеник од редовите на оваа партија смета дека покрај за тетовскиот судија, треба да се преиспита и забелешката на обвинителката од Гостивар Вјолца Елмази која предложила уважување на жалбата на Пајазити за пониска казна.

„Наместо да демонстрираат доблест и чувство на јавна одговорност членовите на Судскиот совет избраа да ја релативизираат неправдата обидувајќи се да и дадат правно оправдание. Сметам дека треба да се испита и улогата на вишата обвинителка од Гостивар госпоѓата Вјолца Елмази која пред Апелациониот суд се предомислила и предложила делумно уважување на жалбата на осудениот Пајазити со барање за намалување на веќе изречената казна“, вели Љупчо Пренџов.
Постапката на случајот со прегазената Теодора беше повторена откако претходната одлука беше укината од Врховниот суд и предметот го врати на повторно одлучување, а гостиварска Апелација утврдила дека првичната казна од три и пол години е превисока по што судијата Ферати досуди двегодишна казна. Работна група на Судскиот совет го разгледа постапувањето на судијата но одлучи дека Ферати не можел поинаку да пресуди, а ова го потврди и претседателот на ова тело Александар Камбовски.

„Таа беше единствената казна што тој можеше да ја изрече во конкретниов случај а имајќи ја предвид законската одредба која што е во Законот за кривична постапка која што забранува да се смени определена одлука на полошо спрема обвинетиот. Таа одредба кажува во случаи кога жалба има изјавено само обвинетиот, секоја понатамошна одлука не може да биде на штета на обвинетиот односно може да биде само истата или пак поблага одлука од таа што била“, вели Александар Камбовски.
За одлуката на судијата Ферати вчера стигна реакција и од Подружницата на судиите на Основниот суд Тетово кои застанаа во негова одбрана тврдејќи дека тој поинаку и не можел да донесе одлука. Од друга страна, пак, семејството на настраданата Теодора со отворено писмо реагираше на одлуката и праша колку чини човечкиот живот.
