Заедничкото чествување на Светите Кирил и Методиј во Рим на македонскиот претседател Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев за премиерот Заев би можело да претставува силен поттик во решавањето на бугарско-македонскиот спор. Тој ова го изјави на оддавањето почит на споменикот на Светите Кирил и Методиј на државниот универзитет.
„Очекувам помеѓу нашиот претседател Пендаровски и бугарскиот претседател Радев да се изнајде некој исчекор во поглед на надминување на овој проблем кој што дефинитивно ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан но и нашите европски перспективи. Верувам дека европскиот дух кој што и претседателот Радев го негува но и нашиот претседател ќе им бидат доволен импетус помеѓу двајцата да направиме еден исчекор и да продолжиме понатаму“, истакна Зоран Заев.
Во истовреме претседателот на соседна Бугарија Румен Радев вели дека со Пендаровски ќе ја објават заедничката јасна, заемна и политичка волја, но сепак подвлекува дека интеграциите на Македонија зависат од Бугарија.
„Одеднаш станав многу интерес за сите европски лидери. На ден имаме покани да разговарам со најмалку двајца премиери, еден претседател и еден еврокомесар. Така што кон Бугарија има големо внимание, нема да го кажам зборот притисок. Најважното е што Бугарија, како одговорен член на Европската унија да не дозволува во унијата да бидат внесени нови проблеми. Мислам дека начинот на решавање на сите проблеми, начинот на отворање на европскиот пат на нашите браќа од Република Северна Македонија поминува пред се, преку Софија“, вели Румен Радев.
Претседателот Пендаровски минатата недела рече дека на заедничкото патување со Радев очекува да стане збор за спорот меѓу Македонија и Бугарија, но дека тоа би биле неформални разговори. Пендаровски и Радев во Рим заминуваат на 26 и 27 мај со авионот на бугарскиот претседател.
