По репортажата на ТВ21 за село Нов Истевник – Ѕвонко ќе добие дом, градоначалникот најави обештетување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Страшно е. Ништо немам. Мајка ми умре, една сестра имам“, истакна Ѕвонко.

ТВ21: Каде е вашата сестра?

„Србија, во Јабука“.

„И таа не знае“.

„Да знае ќе дојде“.

Со солзи во очите вчера пред камерата на ТВ21 Ѕвонко од село Нов Истевник раскажуваше како неговата куќа изгоре во пожарите од пред неколку дена.

А по емитувањето на репортажата, веднаш реагираше градоначалникот.

„Ѕвонко не се обратил до општината ниту до мене како градоначалник. Во текот на утрешниот ден ќе биде сместен и ќе добие кров над глава со сите услови и храна“, вели градоначалникот Горан Трајковски.

На прес конференција апелираше да се почитува и забраната за движење низ шумите.

„Изразувам искрено жалење за сите наши сограѓани кои изгубија дел од имотот, стоката, штали полни со храна, но и приватни шуми. Убедувам дека со смирувањето на состојбата и во кординација со Владата ќе се преземат сите мерки за нивно обесштетување“, додава Горан Трајковски.

Општина Делчево на есен започнува и голем акција за пошумување на изгорените површини.

„Како генерација имаме обврска да оставиме за нашите поколенија шумско богатство чие што значење е непроценливо. Апелирам до Владата и законодавниот дом да се измени законската регулатива и максимално да се зголеми казната за сите пиромани“, посочи Горан Трајковски.

Во село Истевник жителите повеќе од два месеци се без вода, а сега и без струја. Останаа и без црква откако пожарот ја пеплоса заедно со гробиштата.