По скандалите ЕУ испраќа оценска мисија – Ковачевски: Добро е да има таква мисија за работата на Судскиот совет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европската унија ќе испрати посебна, таканаречена оценска мисија која ќе има советодавна улога за работата на Судскиот совет, откако изминатиот период советот го тресеа низа скандали и турбуленции. Ваквата информација ја даде евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за Телма, кој рече дека ова се прави поради тоа што Судскиот совет очигледно не го прави она што е негова работа, а тоа е да ја штити и промовира независноста, професионалноста и интегритетот на судството.

„И предложиме на Владата тука да распоредиме Оценска мисија на високо ниво за Судскиот совет за да ги најде начините на кои ние може да одговориме на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста, за тие навистина да можат да си ја вршат својата работа во иднина. Секако тоа е советодавна група, оценска мисија, се надевам дека ќе може тоа да го направиме набрзо, но тоа покажува колку внимание ние посветуваме на владеењето на правото.“, рече Гир.

Премиерот Ковачевски потврди дека за ова разговарал со евроамбасадорот Дејвид Гир и рече дека ја поддржува оценската мисија. Добро е што во рамките на соработката што ја имаме со Европската унија ќе има таква мисија во областа на владеењето на правото, истакна Ковачевски.

„Сега ќе можат да организираат процес на една таква мисија за да ги проверат сите информации во врска со функционирањето на Судскиот совет и потоа да ги споделат и со Европската комисија и нормално да ги споделат и со нашите политички актери кои што немаат субординација врз судството и врз основа на тоа да бидат предложени соодветни реформи кои што ќе ја унапредат работата на правосудните органи во државата.“, вели Ковачевски.

По скандалите во Судскиот совет, повеќе меѓународни фактори ги замрзнаа проектите и финансиите, а холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп советот го нарече нелегитимно тело. Поради ваквите случаи невладините организации во земјава бараат колективна оставка на Судскиот совет.