По сторијата на ТВ21: 8-дневен притвор за осомничениот за педофилија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Судот во Тетово изрече мерка притвор од 8 дена против осомничениот за педофилија, 27-годишниот М.А. од Теарце, Тетово.

Тој се сомничи за сторено кривично дело „намамување на обљуба или на други полови дејствија на дете кое не наполнило 14 години“.

27-годишниот М.А. вчера беше приведен во полиција, по сторијата на ТВ21 емитувана в понеделник.

Мајка од Косово раскажа како нејзината 12-годишна ќерка била уценувана преку социјалните мрежи, каде непознато лице ѝ барало разголени фотографии, или во спротивно, како што ѝ се заканил, ќе објави нејзини фотографии и видеа со непристојни натписи.

„Вчера околу 17:00 часот, припадници на полицијата од Секторот за внатрешни работи-Тетово го приведоа 27-годишниот М.А од Теарце, Тетово, бидејќи се сомничи за сторено кривично дело „намамување на обљуба или на други полови дејствија на дете кое не наполнило 14 години“. Истото е задржано во Полициската станица-Тетово и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок пред тетовскиот суд“, вели Фатмир Реџепи.