Побарувачката се зголемува, понуда нема – за 16,5% поскапеле становите во вториот квартал

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За 16,5% поскапи становите во вториот квартал од годината, што е најголем раст до сега според НБРМ.

Ова се должи на поскапувањето на градежните материјали како што објаснува Андреа Серафимовски од Здружението за градежништво во Стопанската комора.

Додава дека не можеме да очекуваме  дека ќе се намалува цената на становите, но вели може да очекуваме стабилизација на цената која ќе биде реална и ќе биде одраз на тоа што ќе можат да платат граѓаните, а да се покрие трошокот и да заработат инвеститорите.

„Трендот на покачување на цени и трошокот за изградба продолжува и понатаму да се зголемува. Енормно се зголемени материјалите кои се потребни за градба. Цената на дрвената граѓа е дупло зголемена, иверицата исто, бетонот е за 50% поскап заради поголената цена на цементот, за челикот и челичните кострукции да не разговараме. Челичните профили до трипати се поскапени, обичниот челик е зголемен дупло“, вели Андреа Серафимовски.

Од друга страна и покрај намалената куповна моќ на граѓаните, економската криза и најавата за зголемувањето на каматните стапки, интересот за купување станови воопшто и не запрел, само се зголемува, велат од Агенциите за недвижности. Според нив проблем е понудата, нема доволно станови на продажба, па Скопје не може да ги задоволи потребите за станови.

Цена на станови во Скопје:

  • Центар 1500 до 2100 евра
  • Карпош 1350 – 1600 евра
  • Аеродром 1300 – 1500 евра
  • Ѓорче Петров 950 – 1100 евра
  • Чаир 950 – 1100 евра

„Понудата е катастрофална.  Тоа се должи на неколку фактори кои што настанаа во Скопjе. Општина Центар имаше мораториум 4-5 години. ДУП-от во Карпош падна, 4-5 години не се изгласа нов ДУП. Автоматски населбите во кои има најголема побарувачка за станови немаат станови. Аеродром имаше станови,  но сите што не можеа да најдат тука се преориентираа и таму нема станови. Нема понуда, а побарувачка има огромна“, вели Дејан Христов.

Становите во атрактивните населби Аеродром, Центар и Карпош, не чекаат за продажба ни два дена, објаснува Христов. Според пописот на ДЗС од вкупно 839.174 станови, 63,4 % се населени, а 307,187 или 36,6 % се ненаселени.

error: Content is protected !!