Бизнисменот Огњан Циговски почина по долгогодишно боледување. Во текот на својата кариера тој беше тесно поврзан со развојот и управувањето со туристичкиот и скијачкиот комплекс во Маврово.
Циговски долг период беше раководител на Скијачкиот центар Маврово, а воедно ја извршуваше и функцијата претседател на Скијачката федерација на Македонија.
Со години беше главен управувач и сопственик на „Ресорт Маврово“, во чии рамки функционираат Скијачкиот центар Маврово и хотелите „Бистра“, „Спорт“ и „Лодка“.
Во мај 2025 година, Циговски официјално го продаде својот сопственички удел од 80 проценти во „Ресорт Маврово“. Уделот го презеде австралиски бизнисмен со македонско потекло преку компанијата „Епинал Холдинг“.
Циговски беше активен и во скијачкиот спорт. Во март 2021 година беше избран за претседател на Скијачката федерација на Македонија на вонредно собрание свикано од дел од скијачките клубови.
Неговиот избор тогаш беше проследен со несогласувања и оспорувања од неколку матични скијачки клубови, кои бараа поништување на процедурата.
