Почина Драган Б. Костиќ, истакнат македонски музички новинар и радиоводител, еден од најпрепознатливите гласови во историјата на Македонското радио.
Познатиот новинар и водител почина на 75-годишна возраст, а погребот ќе се одржи утре.
Тажната вест ја соопшти неговиот син Бане Костиќ преку социјалните мрежи:
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ – сопруг, татко и дедо. Поменот ќе се одржи утре, недела, 21 декември, од 12:30 до 13:30 часот, во капелата на гробиштата Бутел. Семејството изразува искрена благодарност до целиот тим и раководството на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно, Диско селекторе.“
Драган Б. Костиќ е роден на 10 јуни 1950 година во Скопје. Својата кариера ја започнал во Македонското радио, каде остави неизбришлива трага во домашната радиофонија.
Најпознат е како автор и водител на култните радио-емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“. „Диско селектор“ се емитуваше од 29 јуни 1974 година и стана музички белег за неколку генерации слушатели. „Заборави ако можеш“ започна во 1991 година и до 31 октомври 2013 година достигна 4.500 изданија.
По повод 30 години од „Диско селектор“, во јуни 2004 година, Костиќ организираше голема музичка забава на лизгалиштето во Скопје, со околу 6.500 продадени влезници, настан што се памети како еден од најмасовните музички собири од тој тип.
Покрај овие емисии, тој беше автор и на други радиоформати, меѓу кои „Радиоурнебес“, „Пријатели, добар ден“ и квизот „Јас ли сум на ред“. Костиќ беше познат и како страстен колекционер на музика, со колекција од над еден милион аудио записи, една од најголемите во регионот.
Во 2018 година ја започна и телевизиската емисија „Б со точка“ на Телевизија 24, која се емитуваше во две сезони до 2019 година.
