„Кралот на интервјуата“ како што го нарекуваат Лери Кинг, почина денеска на 87-годишна возраст од коронавирус. Тој почина додека се лекувал во болница во Лос Анџелес.
Веста е потврдена на неговиот официјален профил на „Твитер“.
Како што се наведува во краткото соопштение, Кинг починал во болницата „Цедарс-Синаи Медикал Центар“ во Лос Анџелес, каде бил примен пред неколку недели откако бил заразен со коронавирусот.
„Со голема тага објавуваме дека почина нашиот основач, водител и пријател Лери Кинг кој замина утринава на 87 години“, се наведува во соопштението потпишано од продукциската куќа „Ора Медија“.
„Илјадници интервјуа, бројни награди и светски признанија, 63 години кариера на радио, телевизија и на интернет, сведочат за неговиот талент“, се наведува во соопштението.
Во текот на долгата кариера, интервјуирал многу сведски лидери, пејачки ѕвезди, но и обични луѓе. Кај него биле интервјуирани Јасер Арафат, Нелсон Мандела, Владимир Путин, Франк Синатра, Лејди Гага, Доналд Трамп…
Најголем дел од кариерата мина водејќи ја вечерната емисија на „Си-Ен-Ен“, наречена „Лери Кинг Лајв“.
