Почина поетот и писател Тихомир Јанчовски 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 58-годишна возраст почина Тихомир Јанчовски, поет, писател и преведувач, соопшти попладнево Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ).

Јанчовски е роден во 1967 година во Скопје. Дипломирал општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 1991 година, а своето стручно усовршување го продолжил во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии при Централноевропскиот универзитет. Во 2010 година магистрирал современа историја на УКИМ.

Покрај книжевната работа, Јанчовски беше и професор, музичар и издавач. Зад себе остави повеќе од 30 книги, најчесто поетски збирки, преводи и поетски романи. Неговата поезија е застапена во бројни антологии и објавувана во литературни списанија, а четири негови дела се целосно преведени на странски јазици.

Неговото творештво е преведувано на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.

Од Друштвото на писатели на Македонија истакнаа дека Јанчовски ќе остане запаметен и како посветен педагог.

„Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност, останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата ‘Орце Николов’, во меѓународното училиште ‘Нова’ и во Американската гимназија во Скопје. Нека му е вечен споменот!“, објави ДПМ на Фејсбук.