„Државно-црковната делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, утрово во базиликата „Сан Клементе“ во Рим учествуваше на молитвата пред гробот на Свети Кирил, по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители – 24 Мај“, известува новинарката на ТВ21, Алмедина Исмаили.
Солемната молитва ја предводеше охридскиот архиепископ и македонски поглавар, неговата светост Стефан, кој истакна дека делото на Свети Кирил и Методиј не исчезнало низ вековите и дека нивната жртва и денес продолжува да дава нови плодови.
„Затоа нивната мисија продолжува да живее и денес. Светителите никогаш не остануваат затворени во своето време. Нивната светлина им свети и ги инспирира и генерациите што доаѓаат по нив“, изјави архиепископот на Македонската православна црква, г.г. Стефан.
Министерот за култура Зоран Љутков во изјава за медиумите пред црквата „Сан Клементе“, каде што се наоѓа гробот на светителот, нагласи дека ова чествување има големо духовно и културно значење за државата.
„За нас како држава, наследството на светите браќа Кирил и Методиј е живо и денес, што се гледа преку нашата посветеност и ангажман во зачувувањето на македонскиот јазик, културата и духовната традиција, како и преку грижата за културното наследство и промоцијата на вредностите на дијалогот, образованието и меѓусебното почитување“, изјави министерот за култура Зоран Љутков.
Почит оддаде и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој заедно со делегацијата што ја предводи ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде што положи венец на спомен-плочата испишана на македонски јазик.
„Секако за нас е важно да се истакне дека двата столба, главните мостови на поврзување на две престолнини, на Ватикан и Скопје како престолнина на нашата држава, се доаѓањето тука во чест на Свети Кирил и Методиј, но и Мајка Тереза како личност која претставува мост меѓу Ватикан и Скопје“, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши.
Во базиликата „Санта Марија Маџоре“, делегацијата го посети и гробот на папата Франциск, кој почина минатата година.
