Почна исплатата на парите од „АЛТА банка“ Битола, приоритет имаат пензионерите и примателите на социјална помош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните кои имаат средства на сметки во „АЛТА банка“ Битола, но немаат платежни картички, од утрово можат да ги подигнуваат парите на шалтерите. Приоритет при исплатата имаат пензионерите и примателите на социјална помош, информираше гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Исплатата, според него, се одвива непречено, а покрај граѓаните кои добиле СМС-пораки со термин, се услужуваат и оние кои самостојно дошле во банката и немаат оставено телефонски број за контакт.

За денеска биле повикани околу 400 граѓани, а согласно со привремените ограничувања, секој клиент може да подигне најмногу 20.000 денари во период од две недели.

Славески ова го соопшти по средбата со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова, и директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов.

Гувернерот повтори дека парите на клиентите не се изгубени и дека и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во „АЛТА банка“. Ограничувањата, како што посочи, се однесуваат на начинот на располагање со средствата и се воведени за да се зачуваат ликвидноста и стабилноста на банката, како и интересите на сите клиенти.

„Ги разбираме загриженоста и потребата на граѓаните да располагаат со своите средства, особено кога станува збор за пензиите, платите и средствата наменети за намирување на секојдневните животни потреби. Сакам уште еднаш јасно да нагласам дека средствата на клиентите и понатаму се наоѓаат на нивните сметки во „АЛТА банка“ АД Битола“, истакна Славески.

Тој најави дека Народната банка работи на создавање услови за исплата на средствата преку шалтери и во други градови низ земјава, со цел да им се олесни пристапот до парите на пензионерите и примателите на социјална помош.

На средбата беше нагласено дека исплатата на овие категории граѓани останува приоритет, а паралелно се бараат решенија за постепено обновување и обезбедување на останатите банкарски услуги во најкус можен рок.

Славески посочи дека Народната банка континуирано презема активности за надминување на состојбата и за изнаоѓање решенија што ќе овозможат постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата на граѓаните и компаниите.