Почна ли школската година без проблеми? Министерот се пофали, но 1. септември на површина изнесе недостатоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првото ѕвонче на овој 1 септември не се слушна во гимназијата во Кичево.
Причината е што во тек е реконструкција на гимназијата која почна во јуни, но се уште не е завршена.

Во кичевската гимназија „Дрита“ учат 537 ученици во 38 паралелки поделени во две смени, но сега учениците се поделени и во два објекти за следење на наставата. Дел во просториите на поранешниот тетовски универзитет во Кичево, додека другиот дел во просторите на поранешниот студентски дом.

-Ги поделивме во два објекти бидејќи главниот објект на гимназијата „Дрита“ и „Мирко Милески“ е во реновирање и е вон функција за нормален развој на воспитно-образовниот процес. Реновирањето започна во јуни и според сите прогнози и договори треба да трае до крајот на декември и ние како училиште второто полугодие ќе го започнеме во главната зграда на гимназијата-вели Фестим Ахмети, директор на ОУ „Дрита“ во Кичево.

Министерот за образование Јетон Шаќири од Куманово се пофали дека многу училишта на почетокот на оваа година се реновираат и се во завршна фаза, но не споменува каде учат учениците во моментов.

-Учебната година ја започнавме со многу нови учебници во основното и средното стручно образование, почнавме со најава за повисоки плати за наставниците, што е резултат на добрата соработка помеѓу репрезентативниот синдикат и ќе се реализира многу брзо, почнавме со над 15 реконструирани училишта, со некои нови објекти, некои се готови, а некои се во завршна фаза-рече Шаќири.

Инаку, за околу 250.000 основци и средношколци денеска почнува учебната 2023/2024 година, која со одлука на Владата наместо на 10 јуни првпат ќе заврши на 17 јуни. Новост е што покрај зимскиот распуст учениците ќе имаат и пролетен распуст кој ќе започне од 29 април и ќе трае до 5 мај 2024 година.