Деца облечени во црвено-црни бои и со знамиња во рацете.
Вака беше пречекан претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, во Општина Чаир.
Покрај градоначалникот Изет Меџити, на пречекот присуствуваа и вицепремиерот Арбен Фетаи и заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири..
По средбата во општината, Бегај ја посети џамијата Мустафа-паша, каде што беше пречекан од скопскиот муфтија Ќенан Исмаили. Тука му беше врачена и подарок.
Потоа продолжи во Старата чаршија. Претседателот положи цвеќе на споменикот на Скендербег. Во денешната агенда на Бегај не беа предвидени изјави за медиумите. За посетата зборуваше домаќинот, Изет Меџити.
„Следната посета, претседателот на Албанија Бајрам Бегај ја започна токму од Општина Чаир, со што ни укажа чест, завршувајќи во Старата чаршија, на плоштадот ‘Скендербег’, кај споменикот на Скендербег, и продолжувајќи со наредните средби. Му посакувам успешна посета, посета што ќе ги продлабочи соработките меѓу нашите две земји.“, вели Меџити
Потоа, претседателот на Албанија ја продолжи предвидената агенда. Престојуваше во Општина Чашка, каде што беше пречекан од градоначалникот Суат Шаќири, а потоа во посета на Горно Јаболчиште. Утре, Бегај ќе се сретне со претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе има говор пред пратениците, а ќе се сретне и со претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Според најавите, на 28 февруари ќе престојува и во Тетово, каде што ќе биде пречекан од градоначалникот Билал Касами..
