Почна пленарната расправа во Собранието за Дополнетиот Предлог-буџет за 2026 година, која ќе трае максимум 5 дена. Опозицијата со критики- велат буџетот не е ниту социјален ниту развоен. За власта пак тој обезбедува раст и развој и подобар животен стандард за граѓаните. Во своето експозе пред пратениците министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска поенцираше дека во 2026 година продолжува стратегијата за стабилен раст, ефикасна јавна потрошувачка и подобар животен стандард за граѓаните.
„Ги почитувавме поставените фискални линии и обврските од фискалната стратегија 2026-2030 со јасна намера постепено да го намалуваме буџетскиот дефицит, да го стабилизираме јавниот долг и да ја зајакнеме довербата кај домашните и странските инвеститори. Клучот за тоа е ефикасна наплата на приходите, формализација на неформалната економија и внимателна, контролирана и штедлива употреба на јавните средства. Овој буџет не е само документ со бројки, туку инструмент за реални политики, за економски раст“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска.

За опозицијата овој буџет не е социјален и не се грижи за граѓаните. Велат намалени се буџетите за многу ранливи категории, а многу мала ставка има за капиталните инвестиции.
„Нема зголемување на платите,нема соодветно зголемување на парите кои што е потребно да се награди трудот на работниците во сите категории. Овој буџет не е спремен да се соочи со криза. Ако дојде до било каква криза во државава едноставно ќе нема пари за ништо. Веќе оваа тековна година владата ја завршува со дупка со минус од милијарда евра. Каде ќе ги најдат тие пари?!“, прашува Филипче.

Од над 200 поднесени, прифатени беа шест амандмани. Во буџетот за наредната година вкупните приходи се проектирани на 6,1 милијарда евра, а расходите на 6,7 милијарди евра. Буџетски дефицит е планиран на 638 милиони евра или 3,5% проценти од планираниот БДП. За капитални инвестиции се проектирани 658 милиони евра. Се очекува раст на БДП од 3,8%, инфлација од 2,5%.
