Почна вадењето на компирот во Тетово, пазарот и времето – предизвик за земјоделците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако со околу 20 дена задоцнување, земјоделците од тетовскиот регион започнаа со вадење на компирот.

Земјоделецот Шабан Каримани, заедно со своето семејство и работници, собира компири на своите ниви.

Тој објаснува кои се причините за доцнењето, како и кои видови компир се најпопуларни во регионот.

„Периодот на собирање е од 15 септември до 15 октомври, но оваа година поради врнежите имавме застој со вадењето на компирот. Причината е тоа што кога врнежите се помали, компирот задржува помалку влага, а сега со дождовите впи повеќе влага отколку што му е потребно и ако се чува, може да дојде до гниење. Овој вид е ‘Лусинда’ и ‘Аризона’. Има многу видови, но кај нас најпогодни се Лусинда, Аризона и Џели.“, вели Шабан Каримани.

Тој нагласува дека оваа година пазарот е подобар од лани, но проблем останува старата земјоделска механизација, која бара повеќе работа и влијае и на квалитетот и на цената.

„Оваа година пазарот е подобар од минатата, но има многу увоз од соседните држави и од Европа, и тоа е голема пречка. Ние не сме модернизирани како другите земји на Балканот и не можеме да се натпреваруваме ниту по квалитет, ниту по цена.“, додава Шабан Каримани.

Цените на компирот на големо се движат околу 20 денари за килограм, а производителите не успеваат да го продаваат на мало поради недостиг на време.

„Цената на компирот е околу 20 денари, зависи од квалитетот, се договара на големо. На пазарите на мало немаме време да се занимаваме со тоа, бидејќи не може истовремено да се занимаваш со производство и продажба.“, вели Шабан Каримани.

Каримани додава дека приносот во голема мера зависи од временските услови – годинава имало голема суша, додека минатата година градот му ја уништил жетвата.