Почнува изградбата на ветерниот парк во Штип, Николоски: Македонија станува лидер во регионот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија забрзано се движи кон енергетска транзиција и одржлив развој, а изградбата на новиот ветерен парк во Штип е еден од проектите што треба да придонесат кон поголема енергетска стабилност во земјата, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Говорејќи на почетокот на реализацијата на проектот на компанијата „Алказар“ во Штип, Николоски истакна дека инвестицијата претставува потврда дека Владата гради партнерски однос со инвеститорите и создава услови за реализација на големи енергетски проекти.

„Вчера прославивме 35 години независност на Македонија. Утрото го отворивме реконструираниот Охридски аеродром, вечерта сите се забавувавме на убавата електронска музика на Дејвид Гета, а денеска почнуваме ветрен парк. Мислам дека подобар доказ дека државата има модерна иднина, иднина која е во чекор со 21 век, нема“, рече Николоски.

Тој нагласи дека комбинацијата на одржлив транспорт и зелена транзиција ја позиционира Македонија како лидер во регионот.

Според него, Владата ќе продолжи да го поддржува проектот, а во неговата реализација се вклучени повеќе институции, меѓу кои Министерството за енергетика, Министерството за транспорт, Катастарот, Министерството за земјоделство и Министерството за животна средина.

„Вложивме многу во изминатиот период под водство на премиерот Мицкоски и министерката за енергетика Сања Божиновска. Тука се и градоначалниците на Штип, Карбинци и Радовиш, како и тимовите на институциите. Самото тоа што денес сме тука, а за три години ќе го пуштиме овој ветрен парк, е најдобар доказ за вашата работа“, истакна Николоски.

Ветерниот парк се очекува да биде значаен дел од напорите за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, како и за намалување на зависноста од конвенционалните енергетски извори.