Поддршка на концерти без договорена сума? Колку Општина Битола потрошила за Грашо и Бебек?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Додека локалните музички групи пропаѓаат, Општина Битола поддржува концерти на странски изведувачи во античкиот локалитет Хераклеја на кои не се запазени мерките за заштита од коронавирусот.

На последната седница на Советот, беше побарано да се откријат сумите кои локалната власт ги дала за како што велат од локалната самоуправа квалитетна културна понуда со Ковид ограничувања.

„Битола не носела пејачи кога треба, на сред пандемија донесе пејач од странство, кога сите битолски угостители работници во тоа поле, кога сите тие доживуваат страшни економски кризи, кога луѓе остануваат без работа ние како покровител ја имаме општина Битола која ај што организира концерт, туку на концертот се појавуваат број на гости надвор од сите протоколи од министерство“, рече Габриела Илиевска – независен советник од „Поинаку“

Концертите кои се организираа во Хераклеја, а поддржани од Општина Битола веќе беа мета на напади поради организацијата и непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот.

Советниците обвинуваат дека општината се појавува како генерален спонзор на концертите, но за истите додаваат дека нема потпишано договори, нема договорено сума, ниту пак е извршена исплата.

„И уште нешто што не ни беше јасно на комисија, поставив прашање но општинската администрација не можеше да одговори, колку плати општина Битола за концертите во Хераклеја кои поминаа, но ми беше одговорите дека договорите не се потпишани и дека сумите не се исплатени меѓутоа видовме дека општината се појави како генерален спонзор на сите евенти што беа досега во Хераклеја па ме интересира како може општината да се појави на некој настан кој веќе е завршен а договорот не е потпишан“, рече Иван Чилакоски – независен советник од „Поинаку.“

На седницата по оваа точка не се произнесоа останатите советници од власта и опозицијата, а иако беше повикан претставник од општинската администрација, сепак одговор на прашањата не се доби.

Колку пари се потрошени и дали се склучени договори, одговор побаравме и ние од Општина Битола од каде ни рекоа дека в понеделник ќе ни биде доставен одговор, бидејќи лицето било на годишен одмор.

Концертите на Петар Грашо и Жељко Бебек се одржаа на 22-ти и 23-ти август, а поради непочитување на мерките за заштита од коронавирус, министерот за здравство Венко Филипче побара санкција, а пазарниот инспекторат најави дека ќе го спроведе тоа.

Повеќе од 2 000 билети биле продадени за концертот, иако дозволено било присуство само на 600 посетители.