Власта и опозицијата, претставници на верските заедници и претставници на дипломатскиот кор се собраа во дворот на американската амбасада да даруваат крв.
Амбасадата на САД во Скопје го одбележа Националниот ден на сеќавање на околу 3.000 жртви од терористичките напади во Њујорк на 11 септември 2001 година.
Амбасадорката во заминување Кејт Мари Брнз истакна дека оваа акција се спроведува 12 години по ред и е одличен симбол на партнерството меѓу САД и Северна Македонија.
„Со волонтирање, работа заедно, грижа за оние на кои им е потребна, сите ние можеме да го дадеме придонес да им помогнеме на нашите земји и заедници да останат отпорни наспроти катастрофата или трагедијата. Тоа е она што значи Денот на службата и сеќавањето, а тоа ни помагаат да го постигнеме организации како Црвениот крст, со повеќе од 300 волонтери само во Северна Македонија“, вели Кејт Мари Брнз.
Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити рече дека терористичкиот чинн што се случи пред 21 година е болен спомен не само за американскиот народ, туку и за целиот свет.
„Големите трагедии нè потсетуваат дека е неопходно да се подготвиме за навремена интервенција, да ја почитуваме и вреднуваме хуманоста и солидарноста, но и да им оддадеме почит на оние кои се на првата линија кога се случуваат тешки настани“, порача Саит Саити.
Од Институтот за трансфузиона медицина велат дека бројот на крводарители постојано се зголемува.
„Крводарителството е највисок чин на алтруизам и желба да им се помогне на болните и странците. Многу ни е драго што бројот на крводарители во оваа крводарителска акција од година во година се зголемува и се надеваме дека оваа убава традиција и соработка ќе продолжи и во иднина“, вели Рада Грубовиќ.
Во оваа акција, покрај дарувањето крв, обезбедени се прехранбени производи кои ќе бидат поделени на сиромашните. Акцијата ќе продолжи три дена во „Даре Џамбаз“, каде крв ќе даруваат припадниците на Армијата, полицијата, но и секој заинтересиран граѓанин.
