Политичка пресметка за инфлацијата: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со спротивставени тврдења

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Војната на наративи околу економската состојба во државата продолжува, откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со спротивставени соопштенија за инфлацијата, цените и животниот стандард на граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ повторно се обидува да ја манипулира јавноста со селективно користење на статистики и ширење паника, притоа, како што наведуваат, премолчувајќи го контекстот и причините за сезонските разлики во цените. Според нив, токму СДСМ ја довела државата до економски колапс, висока инфлација и пад на животниот стандард во минатото.

Од партијата посочуваат дека во нивно време инфлацијата достигнала двоцифрени нивоа и дека граѓаните живееле со значително понизок дневен буџет. Тие додаваат дека денес инфлацијата постепено се стабилизира во услови на глобални економски предизвици, енергетски шокови и последици од војната во Европа.

ВМРО-ДПМНЕ се повикува и на податоците за априлската инфлација од 1,3% на месечно ниво, како и 5,7% на годишно ниво, кои според нив укажуваат на стабилизација на цените. Од таму наведуваат дека дел од годишниот раст се должи и на споредбена основа со претходна година, кога биле активни мерки за намалување на цените.

Во соопштението се истакнува и дека Владата презема мерки за заштита на стандардот, меѓу кои намалување на акцизите на горивата, при што, како што наведуваат, бензинот е поевтин за 2 денари, а дизелот за 4 денари. Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквите политики добиле и позитивни оценки од меѓународни институции.

Од друга страна, СДСМ обвинува дека најновите податоци на Државниот завод за статистика ги потврдуваат, како што велат, „дилетантските политики“ на Мицкоски и реалната состојба со растот на цените.

Според СДСМ, инфлацијата во април изнесува 5,7% на годишно ниво, што е повисоко од просекот во еврозоната, каде изнесува околу 3%. Тие посочуваат дека најголем раст има кај храната, околу 8%, како и дека животните трошоци значително се зголемени.

Од опозициската партија наведуваат дека синдикалната кошничка достигнала речиси 69.000 денари, а обвинуваат и дека Владата доцни со исплати за социјално и здравствено осигурување поради недостиг на средства во буџетот.

СДСМ тврди дека Владата одбила мерки како намалување на ДДВ на храната и горивата, како и зголемување на минималната плата, а истовремено ја обвинува за ново задолжување на државата.

Според нив, граѓаните се соочуваат со сè потежок животен стандард, раст на цените и намалена куповна моќ.