Политичка пропаганда и во време на пандемија – ДУИ до вчера на собири, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај постојаните апели на властите да се избегнува одржување на јавни собири, сепак повиците наидуваат на глуво уво. Симпатизерите на ДУИ, синоќа се собраа во Теарце – во затворен простор, блиску еден до друг, и покрај тоа што се препорачува оддалеченоста да биде барем 1 метар.

„Вечерва во импозантна атмосфера се отвори штабот на ДУИ во општина Теарце! Истовремено оваа прилика беше искористена и за информирање на активистите на ДУИ околу состојбата која неодамна настана со коронавирусот“, пишува на ФБ страницата ДУИ-Теарце.

Но, иако пишуваа дека се собрале поради состојбата со вирусот, самите присутни не ги запазија мерките. Меѓу нив беше и заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу.

„Мојата улога таму е да дадам придонес за спроведување на институционалните мерки против коронавирусот“, ни рече преку телефон, заменик-министерот Нухиу.

Денеска, интегративците одлучија да ги замрзнат сите предизборни партиски активности, по договорениот мораториум меѓу сите партии. Ова го потврди и техничкиот премиер Оливер Спасовски.

„Од денеска, мораториум на сите наши изборни активности. Централниот изборен штаб на ДУИ, по телефонска консултација меѓу лидерите на најголемите партии во земјава, објави мораториум на сите предизборни партиски активности поврзани со парламентарните избори до 22 март 2020“, вели Бујар Османи – портпарол на ДУИ.

Пропаганда со коронавирусот за политички поени, пред неколку дена водеше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Кандидатката за пратеник, Стојановска, која пред неколку дена побара оставка од министерот за здравство, денеска стоеше до нејзиниот претседател, Христијан Мицкоски. Мицкоски денеска рече дека не е време за пресметки за ситни политички поени, но сепак го направи тоа.

Довчерашните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ не останаа без контра-одговор. СДСМ секојдневно реагираше, претворајќи ја состојбата со вирусот во алатка за меѓусебни политички превирања.