Преку честитки, власта и опозицијата и на овој ден – Први мај, Меѓународниот ден на трудот со меѓусебни критики но и реторика како за пред избори го одбележаа празникот. Премиерот Зоран Заев во видеообраќање наведе дека работничките права се на прво место, дека се зголемени платите, но и дека во време на пандемија власта со помошта што ја даваше беа зачувани фирмите и работните места.
„Освен здравјето на луѓето, кризата се закани да ги загрози илјадници работни места. Токму затоа, на прво место на економските приоритети на Владата, уште од почетокот на пандемијата беше македонскиот работник. Обезбедивме поддршка за да се зачуваат илјадници работни места. Во името на правата и грижата за работниците го креираме новиот текст на предлогот закон за работни односи.“, рече Заев.
Наспроти власта, опозицијата со поинакво мислење за состојбата во економијата и работничките права. Трудот и работникот не биле никогаш толку погазени како сега, фирмите наместо помош добија трошки, а со тоа се зголеми и бројот на невработени, се вели во соопштението на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Оваа година е најцрната економска година за Македонија. За една година во Македонија има над 60 илјади нови невработени, преку 6.000 компании ставија клуч на своите врати и скоро 600 илјади лица живеат во сиромаштија. Чувството на горчина кај секој од нас не е само поради падот на стандардот, туку и поради негрижата и лошите политики на оваа власт, кои не даваат надеж дека наскоро работите ќе се подобрат.“, вели Мицкоски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери од свое и од името на пратениците им упати честитка на работниците, за кои рече дека грижата за нив не треба да биде само на 1 мај, туку секој ден.
„Денес кога светските економии трпат последици од пандемијата со Ковид 19, тешкиот товар се сведува врз плеќите на работниците и секој се справува онака како може. Затоа да се потсетиме дека, не само на 1 Мај, туку во сите следни 364 дена од годината силно да се залагаме за почитување на работничкиот труд , за заштита на работното место, за достоинствена плата и вреднување на работата на секој поединец.“, рече Џафери.
И вицепремиерот Артан Груби преку својот фејсбук порача дека сите треба да се залагаат за достојно вреднување на работникот. Наградете го работникот пред да се исуши неговата пот, напиша тој.
