Политички тензии околу ЕУ интеграциите: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со спротивставени ставови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нови меѓусебни обвинувања за евроинтеграциите, уставните измени и националните прашања разменија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, при што двете партии повторно отворија жестока дебата околу Преспанскиот договор, односите со Бугарија и исполнувањето на реформската агенда за Европската Унија.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја продолжува политиката на поранешниот премиер Зоран Заев и дека е подготвен на нови отстапки поврзани со националниот идентитет и уставните измени. Според владејачката партија, СДСМ нема проблем со користење на терминот „северномакедонски“ и води политика што, како што велат, е во согласност со бугарските барања.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека Македонија треба да добие јасни гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање на европскиот пат и оценија дека влезот во ЕУ мора да биде „достоинствен“, без нови идентитетски отстапки.

Од друга страна, СДСМ возврати дека премиерот Христијан Мицкоски и власта не успеале да ја реализираат реформската агенда, иако, како што наведуваат, ветувале дека ќе ги исполнат обврските без поддршка од опозицијата.

Од партијата посочија дека без уставни измени и внесување на малцинствата во Уставот, земјата нема да може да напредува во евроинтегративниот процес. Според СДСМ, прашањето не се однесува само на Бугарите, туку и на другите заедници во државата.

Во соопштението СДСМ ја обвини Владата дека бара алиби за неисполнетите реформи и оцени дека ВМРО-ДПМНЕ не покажува вистинска подготвеност за европски реформи и владеење на правото.

Политичките препукувања меѓу двете најголеми партии доаѓаат во период кога повторно се актуелизираат прашањата за реформите, уставните измени и продолжувањето на европскиот пат на државата.