Разочарани од состојбата, жителите излегоа на протест за да го искажат својот проблем.
Рефедин Абдурахмани вели дека веќе пет години се соочуваат со прекини, а некогаш остануваат без струја цела недела. Тие бараат да се постави уште една трафостаница, како што има во другите делови од селото.
„Имаме проблем со струјата веќе 10 дена, а тоа е најкраткиот период. Проблемот трае од 2019-2020 година. Два дена имаме струја, па цела недела немаме. Има болни луѓе, мали деца, сите проблеми се насобрани. Овој дел од селото – од гробиштата па до улицата што води надолу – постојано е погоден од овие прекини“, изјави Рефедин Абдурахмани, жител на Љуботен.
Кога нема струја, повеќето жители остануваат и без вода, бидејќи ја добиваат преку хидрофори.
„Најголемиот проблем е што без струја немаме ни вода, бидејќи користиме бунари. Ова е стар проблем, се решава, па пак се појавува. ЕВН ќе го поправи, па повторно ќе се расипе. Ни велат дека оваа трафостаница е предвидена за 40 куќи, но сега селото се прошири. Наместо 40, сега само овој дел има 100 куќи, а трафостаницата не може да издржи“, изјави Бесир Елези, жител на Љуботен.
Освен што немаат струја, еден жител се пожали и дека сметките им се испорачуваат паушално.
Жител: Сметките ни ги носат паушално. Еве тука ми е братучедот – веќе 10 години нема електричен бројач, изгорен е, а сепак му носат сметка. Директорот на ЕВН, Лирим, кога беше овде, му кажав дека нема бројач, но сепак добива сметка.
ТВ21: Колку изнесуваат вашите сметки?
Жител: Од 260 до 270 евра! Јас имам 7-8 метри дрва за греење, не само јас, туку целиот Љуботен. Дојдат, работат, но не го наоѓаат вистинскиот дефект.
ТВ21 побара одговор од ЕВН за овој проблем, но до овој момент не добивме никаква реакција.
