На министерот за здравство, состојбата со Ковид 19 му изгледа одлична. Венко Филипче во интервју за МРТ рече дека бројот на позитивни случаи на корона вирус е видно намален за што ги пофали граѓаните.
Оптимист како Филипче не е и инфектологот Фадиљ Цана. Тој смета дека нискиот број на заразени на дневно ниво е резултат на намалениот број тестирања. Според Цана реалната слика за состојбата со корона вирусот ќе се види две недели по завршување на празниците.
„За време на празниците и бројките се празнични. Количината на тестирања е значително намалена и врз основа на бројките кои се позитивни, се гледа дека има пад, но имајќи предвид дека сме во период на празници сметам дека реалната слика на ситуацијата најдобро ќе се гледа по две недели“, истакна Фадиљ Цана.
Цана смета дека бројот на позитивни случаи може да не изненади бидејќи граѓаните за празниците многу се движеа и патуваа.
„На виделина станува збор за друга перцепција, со оглед на тоа дека цело време имаме движење, без да се земе предвид дека ги почитуваат мерките, но како последица на движењето теоретски постои можност да се зголеми бројот на заразени“, посочи Цана.
Инаку според Извештајот на ИЈЗ минатата недела се направени 10 778 тестирања и се регистрирани 2 239 позитивни случаи, а според извештајот од пред две недели, направени се 13 123 тестирања а позитивни биле 3 372 лица. Министерот за здравство Филипче изјави дека нови мерки или ублажување на сегашните ќе има зависно од бројот на заразени со Ковид на дневно ниво.
