Поместување на Коридорот 8 – дали се откажува проектот кон Ќафасан поради УНЕСКО?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една препорака на УНЕСКО за Македонија за трасата Требеништа – Ќафасан беше доволна државата да го преиспита овој проект. Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека не може да се ризикува исклучување од УНЕСКО поради пропустите направени од проектантите во времето на претходната власт.

-Се гради трасата во моментов, така што ако немавме намера да работиме, немаше ни да се гради! Но, исто така има многу јасна препорака од УНЕСКО за заштита на животната средина и културното наследство, имајќи предвид дека оваа зона е заштитена од УНЕСКО поради бројните археолошки реликвии што се наоѓаат на оваа траса. Ние мора задолжително да се придржуваме до препораките на УНЕСКО, бидејќи за оваа траса не можат да се носат неповратни одлуки, изјави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Николоски за ТВ21 изјави дека делот што се поврзува со Ќафасан нема да остане без реконструиран пат и дека во моментов се обидуваат да најдат соодветен модел, почитувајќи ги препораките на УНЕСКО, но и поврзување со патните правци кон градот Струга и Охридскиот аеродром. Тој нагласи дека е во интерес на државата поврзувањата да бидат сеопфатни.

-Ова решение донесено од претходната власт на СДСМ – ДУИ не предвидува поврзување со општина Струга со овој автопат. Некој може да каже дека може да се направи нова врска, но во актуелниот проект тоа не постои, го имам тука. Нема поврзаност ниту со аеродромот, бидејќи трасата поминува над сегашната локација на аеродромот и невозможно е да се поврзе со него, што значи дека ако сте од Струга или Охрид, мора да поминете преку другиот пат Охрид – Кичево, изјави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Освен за Коридорот 8, имало уште 7 други препораки од УНЕСКО за Македонија. Според последниот извештај на Комитетот за светско наследство на оваа организација, најголем дел од прекршувањата се евидентирани во Охрид, со дивоградби и доградби без дозвола во рамките на заштитената зона.

Овие препораки биле разгледани на средба на нашите власти со претставниците на УНЕСКО во Париз, со цел да се заштити статусот на ова подрачје и потоа да се работи на соодветно решение.

За разлика од нас, во Албанија, работите продолжуваат за поврзување на Коридорот 8 со автопат кон граничниот премин Ќафасан, иако и на нашиот сосед УНЕСКО му има дадено слични препораки за работите во заштитената зона на Охридското Езеро.