Ова е магистралниот пат во Кичево кој е многу фреквентен бидејќи поврзува многу градови. Пешачки премин нема, затоа е многу опасен за поминување, но тоа не ги спречува учениците од населбата Рештански пат секој ден да поминуваат од тука кон основното училиште Санде Штерјоски.
Како што можете да видите, тие минуваат низ едната коловозна лента, се качуваат над уличните штитници и другата коловозна лента од патот.
Само 500 метри подолу има подвозник со пешачки премин но децата велат дека вака им е полесно и дека веќе се навикнати вака.
Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари вели дека е изграден подвозник но жителите не го користат бидејќи се навикнати да поминуваат преку магистралниот пат. Додека не се случи некоја несреќа, Дехари предлага ЈП Државни патишта да изгради пешачки мост над магистралниот пат.
-Ние инвестиравме во еден од најголемите проекти на градот за подвозникот кој поврзува дел од Раштански пат со градот, но луѓето избираат пократок начин и не дај Боже да се случи некоја потешка несреќа. Тука се Македонски железници кои треба да придонесат за друго решение да создадеме полесни услови за граѓаните, како надвозници и Агенцијата за патишта кои можат да придонесат за ова-вели Дехари.
Бидејќи магистралниот пат поминува низ Кичево, уличните табли означуваат ограничена брзина на движење на 50 км на час, но како што може да се види на снимката ретко кој ја почитува означената брзина.
