Буџетската помош од 80 милиони евра што ја доделува Европската унија за справување со енергетската криза е веќе достапен. Премиерот Димитар Ковачевски и евроамбасадорот Дејвид Гир во Владата го претставија овој грант како особено значаен за земјава за надминување на кризата.
„Овој грант е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средните компании за одржување на континуитетот на бизнисот, како и за поддршка на инвестициите на државата за енергетската транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Оваа финансиска помош од Европската унија покрај тоа што е најголема во регионот споредено со големината на земјите таа е и повеќе од финансиска помош, таа е знак на сојузништво и таа е знак на пријателство помеѓу Северна Македонија и Европската унија.“, рече премиерот Ковачевски.
Европската унија покажува уште еднаш дека е тука за македонските граѓани кога е во прашање криза и е гест на солидарност. Ова го порача евроамбасадорот Дејвид Гир кој рече дека помошта е од клучна важност за граѓаните, компаниите како и за нови инвестиции.
„Нашите придонеси ги опфаќаат најранливите категории, околу 172 000 луѓе, пензионерите, самохраните родители, невработените кои имаат потреба од социјална заштита, 4.200 ранливи домаќинства, 47 000 ранливи категории граѓани, 79.000 мали консуматори 474 училишта, 67 јавни комунални претпријатија кои што обезбедуваат вода“, рече Гир.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во октомври минатата година на потпишувањето на договорот Фронтекс најави дека на Македонија ќе и биде доделена помош од 80 милиони евра за справување со енергетската криза.
