Пописот не започна на терен! – Алијанса/Алтернатива бара одговорност, Заев вели процесот започнал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се беше подготвено денеска во 7 часот наутро да започне пописот на терен, но ова не се случи ниту во овој центар во Чаир ниту на друго место во државата. Државниот завод за статистика објаснува дека не може да започне со активности на терен се додека во Собрание не се најде решение за дополнување и измена на законот.

„До завршување на постапката во Собрание, која се очекува да се случи наскоро, Државниот завод за статистика нема да започне со активностите на терен“, велат од Државниот завод за статистика.

Додека се чека решение во Собрание, од Заводот велат дека уште еднаш ќе се проверат активностите што се преземени до сега. Но за албанската опозиција, со незапочнување на пописот на терен, Заводот за статистика прави кривично дело.

„Ова одбивање за спроведување на законот е тежок удар врз начелото за правна безбедност, како основен концепт на правната држава. Апелираме до Обвинителството итно да преземе потребни мерки за да ја зачува правната држава, со покревање на  обвинение против директорот и заменик директорот на Државниот завод за статистика“, велат од Коалицијата Алијанса/Алтернатива.

Премиерот Заев не мисли така. Според него, пописот како процес започнал, затоа според него никој нема да носи некаква одговорност.

Според Премиерот, доколку до завршување на подготвителната фаза не се најде решение во Собранието и започне втората фаза на терен, тогаш секој материјал за пописот кој е веќе пополнет, ќе се чува и ќе важи за подоцна.