30 септември, последен ден од Пописот на население. И на последниот ден има уште доста граѓани кои одат во општина за да се попишат, бидејќи, како што велат, попишувачите сѐ уште не ги посетиле нивните домови. Државниот инструктор Беким Бериша, за ТВ21 рече дека во Чаир останал мал број непопишани граѓани, но дека до крајот на денот се очекува процесот целосно да биде завршен.
-Луѓето доаѓаат да се попишат и во канцелариите на општината, меѓутоа денеска бројот беше помал бидејќи целата општина Чаир е покриена. Има многу населби и пописни реони со двајца или тројца попишувачи на терен.-вели Бериша.
Оние кои останаа непопишани се изолирани случаи, велат од ДЗС. Од таму додаваат дека во поголемиот дел од општините теренските активности се завршени, а во некои пак, попишувачите посетуваат домаќинства за никој да не биде испуштен.
-Ова се изолирани случаи во кои попишувачот не успеал да оствари контакт со граѓаните и да ги попише и затоа Државниот завод за статистика апелира до сите граѓани кои се сè уште непопишани, да ги посетат пунктовите во своите општини и да се попишат. Исто така, и во зградата на Државниот завод за статистика, на ул.Даме Груев бр.4, постои пункт каде што можат да се попишат лица од целата територија на град Скопје.-велат од ДЗС.
Крајот на статистичката операција беше означен во 20 часот, по што Државниот завод за статистика ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат изнесени деталите и најновите информации околу целиот процес. Министерот за правда, Бојан Маричиќ, предвреме му честиташе на ДЗС за успешно завршениот процес.
Маричиќ рече дека пописот протекол со одредени технички проблеми и хакерски напади, кои биле надминати успешно, додека резултатите од пописот ќе бидат соопштени по 6 месеци откако ќе бидат целосно обработени. Последните податоци на Статистика велат дека до вчера се попишани околу 1 милион и 800 илјади граѓани.
