Ваква е состојбата по поплавите на улицата „Прилепска“ во Кичево.
Жителите загрижени, ги чистат своите домови кои се полни со вода, откако реката Зајаз, која минува покрај населбата, излезе од коритото.
„Каде да одам? Немаме ништо, вака како што ме гледаш. Немаме каде да одиме, не е работа за еден ден.
Ситуацијата е таква во целата населба, сè е под вода. Некои заминале кај семејства, некои во автомобили, некои на улица.
Имаме мало дете од една година, речиси се удави, многу ми треба помош, верувајте ми“, велат жителите.
Дел од жителите синоќа и денеска се евакуирани и сместени во спортската сала „Иванидол“.
„Да, се излеа реката, се однесе, сè се однесе. Сега дојдовме овде да земеме помош, да ни дадат домување, да ни дадат помош.
Живеам тука 30 години, можеби ова е 10-ти пат да се случи вака, да ни влезе вода во куќите. Не може да се случи само поради дожд, најверојатно реката се излеа. Синоќа сите си заминаа, јас останав, до колена во вода, надојде за 5 секунди.
Водата доаѓа постојано, цело време. Канализација нема. Направив канализација, а водата ми се врати во куќата“, велат другите жители.
Градоначалникот на Општината Кичево, Александар Јовановски, рече дека се преземаат сите потребни мерки да им се помогне на овие жители.
„Во моментов, како што гледате, вчера падна голем дожд кој предизвика многу штети, особено на овие граѓани овде – нивните куќи се уништени, сè е поплавено до внатре. Немаме пристап, вчера пожарникарите, Општинската комунална компанија и некои кои помагаат со механизација чистеа од коритото на реката, сепак има голема количина вода, па има опасност и за уништување на машините и опасност за живот. Формиравме кризен штаб и одлучивме да се евакуираат најризичните лица“, вели Александар Јовановски, градоначалник на Кичево.
Присутни се и екипи на Црвениот крст.
„Имаме евакуирано околу 100 лица. Ние како Црвен крст обезбедивме основна елементарна помош – храна, хигиенски средства, вода, душек и ќебиња. Обезбедивме и појадок, а во секој момент очекуваме помош од Црвениот крст на Република Северна Македонија“, вели Бесник Селими – Претседател на Црвен крст – Кичево.
Поплави има и во други делови на Кичево. Стадионот „Влазерим“, кој се наоѓа во близина на оваа населба, е целосно под вода.
