Бранителката на поранешниот министер за економија од 2012 година, Татјана Поповски Булоски, во воведниот говор пред судот истакна дека обвинението против него е правно и фактички неиздржано.
Поповски Булоски потенцираше дека лиценцата издадена во 2012 година се однесувала на кабаре на ул. Димитар Влахов, сосема различна локација и објект од дискотеката каде што се случи пожарот во 2025 година.
Лиценцата, како што објасни одбраната, имала важност од една година и не опфаќала активности како примање прекумерен број гости, внесување пиротехнички средства или работа на друга локација.
„Министерот во моментот на издавањето на лиценцата само го потпишувал правниот акт во рамките на законските надлежности на Министерството за економија. Неговото постапување нема никаква реална врска со трагичниот настан кој се случи 13 години подоцна“, нагласи Поповски Булоски.
Одбраната ја критикуваше и тезата на Обвинителството за долгорочен каузалитет, потенцирајќи дека правото гледа само на непосредните причини на настанот и дека секоја лиценца била предмет на посебна постапка со ограничен временски рок.
„Правда значи не само да се почитува вистината, туку и да не бидат осудени оние кои немаат вина. Министерот нема никаква одговорност за пожарот во дискотеката Пулс“, рече Поповски Булоски, повикувајќи го судот на непристрасна и внимателна анализа на сите факти и документи.
