Поради истекување на амонијак, евакуирана фабрика за пиво во Франција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најголемата фабрика на „Хајнекен“ во Франција во близина на градот Лил беше евакуирана денес поради истекување на амонијак, соопштија префектурните власти и противпожарната служба, објавија француските медиуми.

Точната причина за истекувањето не е пронајдена, но како што изјавија локалните власти, нивото на амонијак во воздухот, кое беше измерено во и надвор од фабриката, не претставува опасност за локалното население, објави „Ле Фигаро“.

Според портпаролот на Противпожарната и спасувачка служба (SDIS), пријавено е истекување на амонијак во делот од фабриката каде што моментално се изведуваат градежни работи, иако точната локација на изворот на истекувањето не е утврдена.

На местото на настанот беа испратени 25 противпожарни возила, а над 300 вработени беа евакуирани како мерка на претпазливост.

Фабриката во близина на Лил е најголемиот објект на Хајнекен во Франција, и по површина и по обем на производство.