„Пошта“ ја избра Халк Банка за соработка – 71% од приходот ќе добие „пошта“, а 29% Халк банка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Пошта на Македонија“ ја избра Халк Банка за соработка за вршење услуги од платниот промет. По два месеца граѓаните ќе можат да ги плаќаат сметките во Пошта, најави директорот Јани Макрадули. Не кажа колку банки пројавиле интерес за соработка, само рече дека понудата на Халк Банка била видливо најдобра.

Заработката која ја има Пошта со овие проценти, е подобра во однос на приходите кои ги имала од соработката со Еуростандард Банка, изјави Макрадули, кој избегна да одговори околу идејата на Владата за приватизирање на Пошта или склучување на приватно-јавно партнерство.

Договорот меѓу Пошта и Халк Банка е за наредните 15 години. Извршниот директор на банката, Билал Суџубаши, очекува плодна соработка, но исто како Макрадули, и тој не беше прецизен во одговорот на прашањето – што ако Поштата се приватизира?

„Ние при изготвувањето на понудата ги одредивте нашите услови во консултација со менаџментот на Пошта на Македонија“, посочи Билал Суџубаши.

Макрадули рече дека постои заштитна клаузула за двете страни. Тој не очекува некој хипотетички инвеститор кој би ја преземе „Поштата“ еднострано да го раскине договорот со Халк банка.

Макрадули очекува финансиска стабилизација на Поштата, особено по стечајот на Еуростандард банка, со што се замрзна системот на плаќање преку Пошта. Халк Банка веќе 9 години оперира во Македонија. Нејзините доминантни акции ѝ припаѓаат на Халк банка во Турција.