Министерот за европски прашања Орхан Муртезани уверува дека постои простор за потенцијално решение за деблокада на евроинтегративниот процес. Според него, власта е подготвена за уставни измени, но работи на решение со кое ако се смени Уставот процесот во иднина нема повторно да биде блокиран.
„И понатаму ќе настојуваме да го обезбедиме процесот од почнување до завршување на преговорите, бидејќи, според нас, постојат одредени места каде што отсега гледаме дека би имале потенцијални блокади од Бугарија“, вели Орхан Муртезани.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски истакна дека власта не се обврзува со рокови и повтори дека се чека стабилна политичка Влада во Бугарија за дијалог. Тој ја искоментира и изјава на германската министерка Аналена Бербок дека уставните измени се неопходниот чекор за да продолжи процесот.
„Министерката исто така кажа дека во моментов како услов ни е поставен процесот на уставни промени, но истовреме, барем јас што следев, никаде не отфрли можност за дијалог, за иницијативи…“, вели Тимчо Муцунски.
Од друга страна, опозицијата повика власта да одговори конкретно дали имаат поддршка од Европската Унија за да се сменат условите за отворање на преговарачките поглавја. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја искоментира и дилемата на премиерот Христијан Мицкоски дали да испраќа писмо до Брисел со предлог-решенија.
„Или не ја кажува вистината или нема никаков план. Во тој контекст беше нашиот повик да се организира собраниска седница, на којашто премиерот и Владата конечно ќе кажат каков е планот на евроинтеграциите“, вели Венко Филипче.
Деблокадата на евроинтеграцијата се очекува да биде една од темите на разговори меѓу премиерот Мицкоски и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, која во четврток ќе пристигне во Скопје.
