Потпишан кодекс за фер и демократски избори, Стевчо Јакимовски одби да стави потпис, бараше мастер дебата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Голем дел од кандидатите кои дојдоа на потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори во Државната изборна комисија беа лути и се жалеа, според нив на многу недоследности и неправилности, за некого овој Кодекс е проформа а еден од нив дури и не го потпиша. Увереност за тоа дека изборниот процес ќе биде демократски како и обврска да го почитува Кодексот искажаа кандидатите Стево Пендаровски, Бујар Османи и Арбен Таравари.

Пендаровски: „Можам да кажам и јавно дека нема да бидат користени не само овие што се набројани нелегални средства, методи, инструменти државни ресурси и така натаму, туку, тоа го покажав и минатиот пат ќе бидам во рамките на она што се нарекува коректна, културна, децентна политичка дебата“.

Османи: „Ветувам и ги уверувам сите граѓани дека во моите можности мојата кампања ќе биде позитивна, коректна, конструктивна и на ниту еден начин нема да прекршам ниту еден закон или правило.

Таравари: „Го ценам како добар акт каде сите од нас ќе ветуваме дека ќе се придржиме на етичкиот и моралниот аспект. Верувам дека ќе се придржуваме на сите правила во ова што денеска ќе го потпишеме заедно“.

Но, Стевче Јакимовски не го потпиша Кодексот за фер и демократски избори. Се жалеше дека на сите кандидати не им се даваат пари за изборите подеднакво, вели што ќе направам јас со 126 илјади евра. Воедно и реагираше зошто нема да се одржи мастер дебатата што ја најави Пендаровски.

„Одредени кандидати се максимално фаворизирани земајќи големи средства. Со вакви минимални средства и плус се откажуваме од дебатите сметам дека тоа не е во интерес на граѓаните јас претседателе би ве замолил да ветите дека ќе организирате дебати и јас, нема проблем, ќе го потпишам кодексот. Во спротивно не сум подготвен.“, изјави Јакимовски.

Со одредени забелешки беа и другите кандидати, дел од нив сметаат дека овој кодекс е формален

Силјановска-Давкова: Ова е еден церемонијален чин, дека е нормативен и морален илузионизам. Кога се работи за кандидати со висок статус во државата кои тој статус можат да го употребат.

Ванковска: Јас во ова парче хартија не верувам. Ова е празно слово на хартија. Ок, ќе ја одржиме илузијата, ќе бидеме фини, разбрани, јас ова ќе го потпишам.

Димитриевски: Сметам дека ние денеска потпишуваме форма а не суштина, бидејќи истата оваа форма која што ја потпишуваме уште однапред без разлика што преземам целосна одговорност со моето потпишување да ја почитувам, нема да биде почитувана.

Кампањата за претседателските избори започнува за уште два дена, односно в четврток.