Нема да има полициски час и покрај тоа што во изминатото деноноќие се регистрирани 52 нови случаи со Ковид-19. Министерот Филипче вели дека не можеме засекогаш да живееме со полициски час и затворени граници, но додава дека одговорноста паѓа врз граѓаните за заштита на општото здравје. Ова зголемување на бројот на заразени е поради непочитувањето на мерките за заштита и поради непочитувањето на полицискиот час, кога беше на сила.
Во Сарај, Гази Баба, Бутел и Аеродром е најголемиот процент на ново заразени. Поради тоа се анализира можноста за воведување карантин во овие општини.
Нема нови кластери, повеќето лица се заразени при контакт со старите кластери, а мал број се нови жаришта на вирусот.
По алармот поради скокот на бројот на заразени, епидемиолозите излегле на терен за да вршат контроли за нивото на почитување на мерките. При контролите во Тетово е констатирано дека во во градот и околината не се почитуваат мерките за самоизолација и општо ниту една мерка на Владата за спречување на ширењето на Ковид-19. Во Штип не се почитуваат мерките за транспорт и носење маски. Епидемиолозите велат дека граѓаните одбиваат да соработуваат при епидемиолошката анкета и даваат неточни информации и лажни адреси, поради тоа тешко се доставуваат решенијата за самоизолација.
