Повик за масовни протести за рушење на Владата – собир пред ВМРО-ДПМНЕ на група симпатизери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден дел од активистите на ВМРО-ДПМНЕ заедно со адвокатот Јовица Страшевски се собраа пред централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ да ги повикаат граѓаните  на масовни протести, со или без актуелното раководство на партијата. Тој вели дека доста е од партиски поделби и ограноци, време е сите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ да се сплотат.  

„Денешниот собир не е собир за да правиме поделби во ВМРО-ДПМНЕ, нема да бараме оставки или вондредни Конгреси, не е собир за разединување . Овој собир е за да ги повикаме и да го разбудиме актуалното раководство да потикне масовни протести против оваа ненародна власт до конечна победа на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Јовица Страшевски.

На прашање зошто не се  дел од  досегашните протести организирани од раководството на вмро-дпмне, Страшевски одговори дека тоа не наликува на протест,  затоа што има многу малку луѓе кои што протестираат.

„Протестите кои што се прават не наликуваат на протести тие се мали, не повеќе од јас што го имам денес. Кога јас како Јовица можам да соберам олку луѓе за ВМРО-ДПМНЕ не е проблем да собереме 10 илјади и да направиме масовен протест“, додава Страшевски.

Потпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски собирот го нарекува шетање и повик за контра протест на ВМРО-ДПМНЕ стимулирано од СДСМ.

„Јовица Страшевски може да протестира со ВМРО-ДПМНЕ заедно кога сака. На пример последниот протест беше завчера. Штета што Јовица не беше таму и не ја даде поддршката против Зоран Заев и СДСМ. Освен ако негово шетање пред зградата на ВМРО-ДПМНЕ не е стимулирано од СДСМ, односно контра протест на нашиот протест“, додава Димче Арсовски.

Нема информација кога ќе се организираат овие протести но велат дека мотивот е да го разбудат и поведат членството на  масовни протести  за рушење  на како што велат актуелната  ненародна власт.