Повикот на Давкова за 61 пратеник – Османи ја поканува на дуел, да ги изнесат своите понуди и визии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повикот на кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова ВМРО-ДПМНЕ да освои 61 пратеник на парламентарните избори, според кандидатот на Европскиот фронт за претседател Бујар Османи е повик за исклучување на другите заедници од најважните одлучување во Македонија.

Тој ја потсетува Давкова на членот 137 од Кривичниот законик кој предвидува затворски казни на оние на кои по основ на пол, раса, боја на кожа, национално и социјално потекло, јазик или други околности им ги попречуваат или ограничуваат човековите права загарантирани со Уставот.

Според Османи, овој повик на Давкова значи исклучување на Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите и другите во носењето важни одлуки. Одговорот на Давкова уследи многу брзо. Таа преку статус на платформата Х вели дека 61 пратеник не ги исклучува Албанците, туку ги исклучува криминалците од ДУИ.

„Господине Бујар Османи, 61 пратеник не ги исклучува заедниците, бидејќи сите системски закони се носат по Бадентер, туку ги исклучува криминалците од ДУИ кои се спремни да продадат сè, за да си ја зачуваат фотелјата и да продолжат да уценуваат, мислејќи дека така ќе се спасат од одговорност за криминалот и штетата што ѝ ја нанесоа на државата“, вели Силјановска Давкова.

Овој статус на Давкова не го премисли Османи. Тој ја покани Силјановска на дуел, со цел заедно да ги претстават нивните понуди пред граѓаните, и како што вели, граѓаните ќе одлучат меѓу европската интеграција и изолацијата, европските пасоши и бугарските.

Инаку повик за 61 пратеник на парламентарните избори претходно упати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На конвенцијата на оваа партија каде беше потврден нивниот кандидат за претседател, Мицкоски рече дека победата треба да биде јасна, со 61 пратеник и дека ова ќе биде нивната заедничка мисија. Една од причините зошто го бара ова, е да ги менаџираат институциите без диктати и уцени.