ВИДЕО: Повторно дојави за поставени бомби – полицијата испразни шест училишта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По неколкудневна пауза, денеска нови дојави за бомби преку мејлови биле испратени во 6 средни училишта во Скопје.

Едно од нив е гимназијата Јосип Броз Тито како и СУГС „Владо Тасевски” – ПТТ.

На терен се екипи на МВР кои вршат проверки, а улиците пред училиштата се затворени, додека пак граѓаните се пренасочуваат од страна на полицијата.

Информацијата за дојавата на бомби ја потврдија и од МВР.

„Денеска (02.11.2022) во СВР Скопје околу 14.30 часот е пријавено дека на електронските адреси на шест училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Минатите две недели имаше неколку дојави за бомби во средните училишта во Скопје и за сите се утврди дека биле лажни. Како што информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пораките за наводно поставени бомби биле пуштени од странство.