Со сериозни обвинувања и критики кандидатот за градоначалник на Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Костовски настапи кон актуелниот градоначалник на Бутел Смилевски. Тој обвини дека за најобични документи им било барано мито, но вели нема докази и дека за тоа само слушнал. Се надевам наскоро ќе објавам видео за тоа, вели Костовски.
„Во многу населени места луѓето се жалат дека некој од општината за еден обичен документ за легализација им се бара мито. Тоа во овој момент тешко е многу да се обелодени. Но после 17-ти јас ви давам збор и на вас како куќа и на Смилевски лично но и на граѓаните на општина Бутел дека ќе се испита детално. Не можам јас да пријавам за нешто што лично не сум го видел. Значи сум слушнал и се слуша низ Бутел што е многу важно“, истакна Дарко Костовски.
За ваквите обвинувања градоначалникот Смилевски бара Обвинителство да го повика Костовски и да поведе постапка.
„Барам Обвинителство да си го викне кандидатот и да провери како во мое време некој изградил објект и ќе го легализира, имаме закон од 2011 година, луѓе ова е сериозно. Значи ВМРО-ДПМНЕ и господинот Костовски не знаат што зборат. На улица…. Ама нема за такви работи нема 17-ти. Разбирате, нема простор за 17-ти да се чека. Ова е сериозна работа. Значи цело време – мене некој на улица ме стопира, мене на улица ми кажа“, вели Велимир Смилевски.
Во Визбегово кое е дел од општина Бутел се уште нема основно училиште иако досега неколку пати е најавувано дека ќе се изгради. Костовски вели дека во неговата програма е зацртано како приоритет овој проект.
„Еден од носечките 10 проекти е изградба на основно училиште во населеното место Визбегово во нашата програма и секако дека не смеам да го заборавам овој горлив проблем на луѓето од Визбегово бидејќи уште некаде во период на месец јуни како политичка партија тогаш направивме детална анкета и убава анализа согласно таа анкета на територија на цел Бутел и граѓаните на Визбегово апсолутно на прво место го поставија нивното училиште“, додаде Дарко Костовски.
Но градоначалникот Смилевски вели дека процедурите се при крај и училиштето наскоро треба да почне да се гради. Обврската на општината да донесе пат, вода, канализација ја завршивме, вели Смилевски.
„Издадовме едно одобрение кое денеска го имам за училиштето, затоа што за училиштето во Визбегово немаше дадено никој одобрение за градба и тоа е она што треба да се напомене и она што е уште поважно е дека на 12.10 во 9 часот се отвора јавното отворање за изградба на училиштето – тендерот“, посочи Велимир Смилевски.
Кандидатите за градоначалници, актуелниот Велимир Смилевски од СДСМ и Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори повторно ќе се соочат, откако беа во изборна трка за градоначалничката позиција на претходните избори во 2017 година.
