Повторно се враќаат работите во еден од каменоломите во Лабуништа – жителите бараат да запрат, да не им ја загадуваат животната средина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Револтот на жителите на Лабуништа пред две години ја запре работата во каменоломот во ова село во близина на Струга. Мислеа дека нивниот проблем е решен, но пред две недели еден каменолом повторно почна со работа.

Зачудени од почетокот на работите и без нивна консултација, жителите бараат  прекин на работите бидејќи со тоа му се нанесува штета на селото а не му носи ништо добро.

Жителите велат дека од 2020 кога била прекината работата на каменоломите, селото заживеало и почнале повторно со засадување на земјиштето. Велат дека овие 2 години “оглувеле“ од експлозиите од кои им се оштетени куќите.

Во Лабуништа имало 6 функционални каменоломи а 3 спремни за отворање. Министерството за Економија е тоа кое ги дава и одзема концесиите. Пред две години Владата еднострано ги поништило договорите за каменоломите во Лабуништа. На прашање на ТВ21 зошто едниот повторно почнал со работа, министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека Управниот суд донел одлука за враќање на претходна постапка.

„Колку за информација за јавноста и информациите со кои располага Министерството за економија, донесена е одлука од Управен суд токму еден од каменоломите кои биле одземени од владата и министерството за економија, да се врати на претходна постапка. Поделени власти сме, судство, централна власт и локална власт“, истакна Крешник Бектеши.

Всушност, Управен суд донел одлука дека не е надлежен да одлучува за ова прашање. Тоа му го потврдил и Вишиот управен суд.

„Управниот суд во обжаленото решение правилно утврдил дека во конкретниов случај станува збор за спор за кој е предвидена друга судска заштита надвор од управен спор, односно дека се работи за исклучива надлежност на Основниот граѓански суд Скопје, кој во парнична постапка ќе го утврдува правниот однос настанат од раскинувањето на договорот, самата одлука, како и евентуално штетата предизвикана со раскинување на договорот“, велат од Вишиот управен суд.

Лабуништа има околу 10 илјади жители. Пред две години тие преку петиција потпишана од 3000 лица и преку протести ја спречија работата на каменоломите, а најавуваат дека овој пат нема да седат со скрстени раце. Бараат Инспекторатот за животна средина во Струга да излезе на терен и да се преземат мерки, во меѓувреме очекуваат средба и со министерот Крешник Бектеши.